Охрид - Ви обрнуваме внимание на една од најголемите вистини за Македонија, вистината Охрид, вечниот град, волшебниот рид кој со своето исконско пулсирање ги поврзува старите со новите времиња, за навек, бидејќи:
- Мојот Охрид е „жив град“ две илјади и четиристотини години, легитимен наследник на светиот Лихнид, град со вткаени дострели на силната античка цивилизација. Градот Охрид е всушност културна историја на Македонија во мало. Како европски центар во античките времиња, а подоцна и преку надалеку прочуената Охридска Архиепископија низ вековите, градот ја претставува целокупната црковна историја на Македонија. Го носи и епитетот „Балкански Ерусалим“. Во овој град, бил лоциран, преку дејноста на Св. Климент Охридски, и првиот Сесловенски универзитет во Европа. Охрид бил и најзначајната официјална престолнина на првата Македонско - словенска држава, поточно на Самоиловото царство. Охрид е преродбеничко жариште на Македонија во 20-от век. Охрид е и денес културен, духовен и туристички центар на Македонија. И на крај, круна на вредностите, Охрид и Охридското Езеро се светско културно и природно богатство под заштита на УНЕСКО од 1980 година.
Добродојдовте во Охрид - балканскиот бисер, добродојдовте во Македонија, добродојдовте на Првиот Конгрес на физијатрите на Македонија!